La Tour Eiffel, или
Ајфеловата Кула е една од најславните обележја на
la Ville Lumière (градот на светлината), Париз. Изградена во 1889, таа била симбол на немирниот дух на француската револуција. На почетокот на нејзиното градење луѓето биле зачудени од нејзината грандиозна конструкција, но набрзо нивниот восхит згаснал. Кога се видело што би требало да претставува кулата (а тоа е, куп железо без дотогаш никакво значење) граѓаните на Париз се побуниле против нејзиното постоење, и неколку пати ја изразиле нивната желба кулата да биде расклопена и/или пренесена на некое друго место. Парижани ко Парижани, штом увиделе дека „Железната Дама“ е всушност „Грда железна дама“ сакале едноставно да ја снема од тука. Неколку пати го изразиле нивното незадоволство и повикале на бунт.
Сепак, француските власти одолеале на vox populi-то во овој случај и решиле дека споменикот на идеалите на француската револуција мора да биде изграден и да стои во Париз, за на тој начин да се створи еден вид на добра појдовна точка за создавање на цел сет на идеали и идеалистичен симболизам, кој трае и до ден денес (заедно со, не знам, земете ја
Слободанка или
La liberté éclairant le monde заедно со Давидовата Ѕвезда и сета преостаната масонерија). Затоа денес, и Французите, и Јенките, а сета светска раја се пали и лупа од земја кога ќе ги види овие атеистички златни телиња.
Но, Македонците се познати по нивната прагматичност. Ние не градиме споменици, ние не

веруваме во симболизмот, нам не ни требаат идеали. Ние сме си прагматични либер-капиталисти кои веруваме во хуманизмот и ја обожаваме ренесансата. Од тие причини, сонуваме за денот кога на јавна лицитација ќе ја продадеме Ајфеловата Кула, и од некој колекционер ќе добиеме милион евра, со кои подоцна ќе изградиме десетици училишта. Слоботка би ја дилале на црно за три милиони евра, и повторно: дом за бездобници, некоја градинка и училиште.
Big Ben, поради тоа што е декадентен и не’ навраќа во периодот кога се користеле аналогни часовници, би и’ го шитнале на британската кралица, Мери||Елизабета број непознат. Да, би поставиле и ултиматум до Бразилските власти, да ја срушат сепаратистичката статуа на
Христос Избавителот, затоа што шири нетолеранција и го уништува соживотот. Јас би одел и понатаму: секоја статуа/биста/споменик/обележје во Македонија (пр. Мајка Тереза, Скендербег, стотиците споменици во полошко-кумановскиот крај на непознатиот паднат ОВК-борец за човекови права, охридските Св. Кирил и Методиј, Тито, сиот НОВ итн) да се даде на продажба, затоа што сето тоа железо, бетон, мермер и останат материјал е едноставно кич и шунд.
Тогаш ќе бидеме најадени и напиени. Тогаш ќе бидеме конструктивни и среќни, хумани. Ќе бидеме ли тогаш барем Французи? Не. Затоа што Французите градат нешто без значење, и му даваат симболика на истото, за подоцна да го убедат сиот свет во од-нив-даденото значење. А ние, ние од џабе правиме вересија. Имаме нешто со огромно значење, но ние упорно се трудиме да го девалвираме.
И повторно. Тогаш ќе бидеме гладни.
Links -
1,
2,
3,
4,
5